18.11.2022 Скопје
За најавените инвестиции на Владата за ски центарот, министерот за животна средина и планирање Насер Нуредини истакна дека има потенцијален инвеститор за „Попова Шапка“ и се очекува на следната седница на Владата, за една недела, да се најави инвеститорот со име и презиме.
Министерот Нуредини соопшти дека се работи за инвеститор од Европската Унија, кој има големо искуство со скијачки центри, потенцирајќи дека ќе биде голема инвестиција. Воедно, додаде дека потенцијалните инвеститори имаат големо искуство со ски центри и се ќе биде презентирано во јавноста, а ќе се инвестираат над 50 милиони евра, инвестиција во нови ски лифтови, хотели и слично.
Неодамна, од ски центарот Попова Шапка најавија дека годинава очекуваат успешна ски сезона, но со поскапи ски-билети. Скијањето треба да стартува откако ќе падне природен снег.
Од „ЕЛЕМ Турс“, јавно претпријатие кое управува со ски-центарот, информираат дека билетот е неопходно да поскапи, затоа што и цената на струјата која ги покренува ски-лифтовите е покачена.
Последниве две сезони на центарот профункциоира т.н. шестосед, со кој се растоварија другите ски- лифтови. Но, со поголемиот број туристи дојде до израз проблемот со недостигот на паркинг-простор. Паркирани колони возила го блокираа патот Тетово – Попова Шапка речиси секој викенд за време на скијачката сезона.
Подготвено од А.Ѓ.