https://www.facebook.com/photo?fbid=519476993543856&set=pcb.519479336876955

23.11.2022 Скопје

Германската компанијата „Кил Македонија“ веќе успешно работи шест години во нашата земја и во моментов над 130 наши сограѓани произведуваат иновативни транзитни патнички седишта за комерцијални возила и јавен превоз.

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настанот по повод новата инвестиција на германската компанијата „Кил Македонија“ и станува збор за изградба на нов производствен капацитет во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово.

Како што истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање, успешниот раст на компанијата доведе до потреба за дополнително проширување на нивното портфолио со нова инвестиција од 9,2 милиони евра, а тоа значи нови 150 работни места, со очекуван вкупен извоз од над 160 милиони евра во следните 10 години. Почетокот на производството од новата фабрика се планира во следната 2023 година.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека сите напори кои што ги прави Владата за привлекување на странски инвеститори и обезбедување на најдобра бизнис клима за компаниите го даваат својот плод. Воедно, додаде дека и покрај Ковид кризата и покрај енергетската криза која што ја зафати цела Европа и носи голема неизвесност, странските инвеститори препознаваат во Република Северна Македонија сигурен партнер и можност за долгорочно реализирање на своите планови, а со тоа раст и развој на нивните компании.

Амбасадорката Анке Холштајн зборуваше за важноста на новите инвестиции, со што истакна дека доверливата клима на соработка со македонската Влада е важен признак за квалитет за локацијата Република Северна Македонија, а заедно ќе се продолжи да се негува, за успешно да работат тие што веќе се овде, како и за понатаму да ја рекламираат Република Северна Македонија како добра дестинација за инвестиции.

Кристијан Штранд, генерален менаџер на „Кил Македонија“, истакна дека Кил Групацијата работи повеќе од 75 години во неколку земји во светот и е лидер во производството на седишта за возови и автобуси. Воедно, додаде дека иницијалната цел на оваа фабрика е да обезбеди седишта за фабриката Ван Хол во Скопје, бидејќи историски гледано, следењето на клиентите во своето работење е нивна своевидна пракса.

Штранд изјави дека имајќи го предвид работењето во последните пет години откако имаат почнато со работа во Република Северна Македонија, можат слободно да кажат дека веќе е направена една успешна приказна, додавајќи дека затоа што се исцрпени капацитетите на постоечкиот производствен објект, Кил одлучи да направи дополнителна инвестиција во Индустриската зона во Тетово. Воедно, истакна дека истото било реализирано со голема поддршка во целокупниот процес од страна на ТИРЗ, Владата, „Нормак“, но и останати субјекти. Исто така, тој е додатно горд што ја имаат оваа дополнителна инвестиција во Република Северна Македонија, бидејќи истата не претставува само зголемување на постојното производството, туку воедно и проширување на опсегот на нивното работење и во областа на заварување, бојадисување и изработка на сунѓери, и со ова ќе се покрие целокупниот опсег на активности за производство на седишта за возови во нивната фабрика и слободно може да се нарече комплетното седиште „made in Macedonia”, а тие ќе прераснат во центар за седишта за возови од дизајн до производство во Групацијата Кил.

Јован Депотовски директор на ТИРЗ посочи дека Кил е прва компанија која веќе работи во земјава и станува дел од семејството на ТИРЗ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author