azerbejdzan i ermenija znaminja

07.11.2022 Скопје

Денеска, Азербејџан и Ерменија се обвинија меѓусебно за новите погранични гранатирања, пред преговорите во Вашингтон, чија цел е да се стави крај на конфликтот каде изминатите месеци загинаа стотици луѓе.

Во текот на денешниот ден, министрите за надворешни работи на двете земји треба да почнат преговори во САД, под покровителство на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Ерменскиот премиер Никол Пашињан и азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, неодамна, на самитот во Русија со рускиот претседател Владимир Путин, ветија дека „нема да користат сила”.

Вчеравечер, Министерството за одбрана на Ерменија информираше дека единиците на азербејџанските вооружени сили отворија оган врз ерменските позиции во источниот сектор на границата, додавајќи дека нема жртви.

Азербејџанското Министерство за одбрана ги обвини ерменските сили дека тие отвориле оган „од лесно оружје од различен калибар” врз нивните позиции, а притоа, немало жртви.

На границата на двете земји редовно избиваат конфликти. Во септември загинаа 286 лица на двете страни, па се зголемија стравовите од нова војна, како таа во 2020 година кога имаше над 6.500 жртви.

Европската Унија повеќепати ги собираше Пашињан и Алијев во Брисел, а САД во септември организираше состанок на министрите за надворешни работи на двете држави.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author