22.10.2022 Скопје
Во текот на вчерашниот ден, еврокомесарката Илва Јохансон изјави дека Директивата за привремена заштита веројатно нема да биде активирана за актуелната миграциска криза во централниот Медитеран.
Директивата на ЕУ, која беше одобрена во 2001 година, обезбедува непосреден привремен пристап до низа социјални услуги и слободно движење за оние кои не можат да се вратат во нивната земја на потекло, во случај на „масовен прилив“.
Комисијата соопшти дека преку рутата на Средоземното Море, бројот на пристигнувања е двојно зголемен од 2021 година и рутата се смета за една од најопасните во светот, а најмногу на мета е на трговците со луѓе.
Јохансон истакна дека Директивата за привремена заштита е „многу посебна“, објаснувајќи дека никогаш не е користен до сега и тоа значи дека е за многу посебни ситуации, како онаа што ја има во моментов во Украина.
Пратеникот на ЕУ, Хуан Фернандо Лопез Агилар, во видео интервју за Евроактив, изјави дека директивата требало да се активира за други итни случаи, како што е бегалската криза во 2015 година и преземањето на Авганистан од страна на Талибанците во летото 2021 година.
Ситуацијата во Средоземното Море, комесарката Јохансон ја опишува како „неодржлива“.
Советот во петок ќе расправа за акцискиот план, кој има за цел да ја намали нерегуларната и небезбедна миграција преку соработка со трети земји и меѓународни организации, да создаде покоординиран пристап за пребарување и спасување и да изврши притисок за спроведување на механизмот за доброволна солидарност.
Европската комисија соопшти дека е подготвена да преземе дополнителни чекори за склучување и спроведување договори со земји кои не се членки на ЕУ, како што се Тунис, Египет или Либија, како и тесна соработка со меѓународните организации како што се агенциите на ОН и Меѓународната поморска организација. Воедно, е истакнато дека е потребна специфична рамка и упатства за пловните објекти за пребарување и спасување.
Во јуни 2022 година, Комисијата го одобри механизмот за доброволна солидарност, кој има за цел да им обезбеди помош на земјите-членки најмногу погодени од миграциските текови во Медитеранот, нудејќи им преселување и финансиски придонеси. Сепак, според Јохансон, неговата имплементација има уште долг пат да помине.
Откако механизмот е воспоставен, само 117 баратели на азил се префрлени низ земјите-членки, од годишната цел од 8.000.
Подготвено од А.Ѓ.