22.11.2022 Скопје
Денеска на девет општини од Република Северна Македонија, шест од Косово и три од Хрватска им беше доделена „Европска ознака за извонредно управување” од страна на Европската асоцијација за локална демократија.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, во обраќање на настанот, нагласи дека многу е важно што станува збор за стандарди на Советот на Европа и што целиот процес го води оваа организација. Воедно, истакна дека во нашава земја најголем предизвик на сите нивоа на управување е зачувувањето на човечкиот капитал и вложувањето во него.
Пенов информираше и дека меѓу деветте општини од земјава кои ја добија ознаката „Европска ознака за извонредно управување”, е и една рурална општина.
Министерот за администрирање на локалната самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, истакна дека има добра соработка со Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, како и меѓу општините на двете земји. Воедно, додаде дека има една заедничка програма за меѓугранична соработка која е многу важна за двете земји и којашто овозможува да се формира база на пријателство и партнерство на локално ниво, истакнувајќи дека Косово има интерес и локалното ниво да има улога во развојот на двете земји.
На настанот се обрати и претседателот на АЛДА, Оријано Оточан, кој го објасни целиот процес на усвојувањето на 12-те принципи на асоцијацијата и како се тие спроведени во Хрватска.
Деветте општини кои ја добија „Европската ознака за извонредно управување” во земјава се Аеродром, Берово, Битола, Виница, Куманово, Неготино, Новаци, Радовиш и Штип, кои учествуваа во проектот и успешно го спроведоа процесот на самооценување на нивната работа, при што покажале високо ниво на усогласеност со 12-те начела за добро демократско управување на Советот на Европа.
„Европската ознака за извонредност на управувањето” е воспоставена од Советот на Европа.
Подготвено од А.Ѓ.