https://www.facebook.com/InfoMigrants/photos/pcb.5392944584160616/5392842550837486

11.11.2022 Скопје

Вчеравечер, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин информираше дека девет европски земји се имаат обврзано да прифатат „две третини“ од 234 мигранти кои ги зеде бродот „Оушн Вајкинг“, што денеска треба да пристигне во Тулон во југоисточниот дел на Франција.

Француската Влада, во ек на растечки тензии со Италија, соопшти дека бродот на невладината организација СОС Медитеран ќе пристигне во военото пристаниште во Франција. Инаку, Италија одби да ги прими мигрантите.

Како што истакна францускиот министер за внатрешни работи, Германија треба да прими над 80 лица, а исто така, и Хрватска, Романија, Бугарија, Литванија, Малта, Португалија, Луксембург и Ирска ќе прифатат мигранти во име на „европската солидарност“.

Министерот Дарманин истакна дека прифатените бегалци се оние кои имаат право на азил и оние кои немаат услови за азил, ќе бидат вратени директно во нивните земји. Воедно, министерот објасни дека воспоставени се контакти со овие земји, со цел да се постапи според процедура со што се овозможува да се протераат оние, кои не ги исполнуваат условите за азил.

Извори блиски до францускиот министер изјавија дека патниците на „Оушн Вајкинг“ се од Бангладеш, Еритреја, Сирија, Египет, Пакистан, Мали, Судан и Гвинеја.

Министерот Дарманин го осуди ставот на Италија, која одби да дозволи закотвување на бродот „Оушн Вајкинг“, па додаде дека веќе се распоредени 500 француски полицајци на италијанската граница, со цел да можат да ја контролираат подобро.

Податоците на Светската организација за миграција покажуваат дека од почетокот на годината, 1.765 мигранти се исчезнати во Медитеранот, од кои 1.287 во централниот, најопасната мигрантска рута на светот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author