29.11.2022 Скопје
Денеска во Букурешт, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, изјави дека во долгорочен интерес на Алијансата е да ја поддржи Украина во нејзиниот отпор кон руската агресија и оти НАТО ќе биде на страната на земјата колку што ќе биде потребно.
Отворајќи го Форумот Аспен-ГМФ, Столтенберг истакна дека пораката на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, кои ќе се состанат подоцна денеска во Букурешт, ќе биде дека „ќе стојат на страната на Украина сè додека е потребно и нема да отстапат”.
Столтенберг, воедно, додаде дека ако рускиот лидер Владимир Путин победи во војната против Украина, другите авторитарни лидери ќе бидат охрабрени да употребат сила за да ги постигнат своите цели и затоа е во долгорочен интерес на НАТО да ја поддржи Украина. Исто така, изрази уверување дека министрите за надворешни работи на членките на НАТО „ќе заземат став дека поддршката за Украина треба да се зголеми”.
Генералниот секретар Јенс Столтенберг истакна дека е апсолутно неприфатливо и многу опасно прашањето за загрозување на правата на руските граѓани во источна Украина да се користи за инвазија на независна суверена земја. Исто така, додаде дека Русија ја нападнала Украина, тврдејќи, меѓу другото, дека не сака војници на НАТО на нејзините граници и оти сега ги има значително повеќе отколку пред почетокот на инвазијата во февруари, а ги отфрли и тврдењата дека проширувањето на НАТО кон исток е насочено против Русија.
Подготвено од А.Ѓ.