25.11.2022 Скопје
На вчерашниот вонреден совет на министрите за енергетика во Брисел, Грција предводеше голема група земји- членки кои побараа ЕУ да постави реална цена на природниот гас.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција, Костас Скрекас, изјави дека Европа ќе може да ги намали цените на природниот гас и следствено на електричната енергија, потенцирајќи дека станува збор за тешка битка, која ќе продолжи на 13 декември, односно на следниот закажан состанок во Брисел.
Презентирајќи ги новите мерки за поддршка на домаќинствата и бизнисите за месец декември, Скрекас истакна дека Владата во Грција доследно и ефикасно ја спроведува својата политика за справување со енергетската криза.
Мерките на грчката Влада за поддршка на граѓаните и бизнисите за декември во однос на сметките за електрична енергија и природен гас се однесуваат за сите, без никакви критериуми и без разлика на висината на приходите.
За следниот месец,Скрекас најави дека се планирани субвенции за електрична енергија во висина од 435 милиони евра за домаќинствата и бизнисите, и истакна дека Владата на Грција ќе продолжи да ги поддржува домаќинствата и бизнисите додека трае енергетската криза и остануваат на нивната заложба дека „оваа зима никој нема да остане незаштитен”.
Подготвено од М.Н.