https://www.facebook.com/photo/?fbid=464776998985426&set=a.464776978985428

14.11.2022 Скопје

На Машинскиот факултет во Скопје се одржа работилница на тема „Подготвеност на малите и средните претпријатија за индустрија 4.0 и паметна специјализација” во рамки на активностите на проектот „Learn4SMEs – Learning Factory for Improving Digital Competitiveness and Industry 4.0 Readiness of SMEs in the Balkans”, овозможен од Европскиот институт за иновации и технологија и кофинансиран од Европската Комисија.

Машинскиот факултет во Скопје информира дека домаќин и организатор на работилницата е партнерот во проектот, Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО), а лица одговорни за организацијата на настанот беа професорите Бојан Јованоски и Роберт Миновски и м-р Александар Аргиловски.

Во соопштението од Машинскиот факултет стои дека главната цел на овој проект е оформување на првата „Фабрика за учење“ во земјава, по примерот на голем број европски земји кои веќе неколку години наназад го практикуваат овој концепт на образование, тренинг и истражување. Фабриката за учење на Машинскиот Факултет во Скопје се фокусира на технологиите на индустрија 4.0 и производната филозофија Lean.

Лабораторијата во моментов се состои од рачна и паметна Poka Yoke станица за монтажа без грешки, но наскоро се очекува сите планирани производни модули на фабриката за учење да пристигнат и таа да биде комплетирана. Целосниот систем се состои од паметна Poka Yoke станица за монтажа без грешки, работно место, транспортер, камера за 2D машинска визија, робот и складиште.

Целта на ваквата поставеност е да се симулира реална производна линија, а притоа преку низа на експерименти со опремата, да се решаваат проблеми од областа на индустриско инженерство и менаџмент, поточно Lean менаџмент, планирање и управување на производството, системи за мерење на учинокот, моделирање и симулација на деловните процеси, системи за менаџмент на квалитетот и слично.

Одржани беа и низа тренинзи на тема „Lean Manufacturing 4.0″ на платформата www.skillsmove.eu, која е во функција на проектите на Европската Комисија. Прикажан беше и практичен пример со користење на дидактичката опрема набавена за време на проектот – паметна Poka Yoke станица за избегнување на грешките при монтажата на производите. Дел од учесниците имаа шанса да ја извршат монтажата на рачната и на паметната станица за монтажа, притоа преку направените мерења, прикажани беа подобрувањата и придобивките кои ги нудат концептите на Lean и Индустрија 4.0 во производството.

Од Машинскиот факултет – Скопје наведуваат дека идејата е оваа „Фабрика за учење” да расте во идниот период и да стане препознатлив центар за дигитализација и Lean во земјава. Информираат дека добредојдени се сите заинтересирани компании кои сакаат да го насочат развојот на нивните бизниси и вработени во насока на дигитална трансформација преку технологиите на Индустрија 4.0 и оптимизација на производството потпомогната од Lean.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author