25.11.2022 Скопје
Во истражување кое е спроведено во земјите од Западен Балкан, односно Србија, Република Северна Македонија, БиХ, и Црна Гора, направени се споредби меѓу минималните и просечните плати на граѓаните и потрошувачката кошница која ги чини на месечно ниво.
Според податоците до кои е дојдено од спроведеното истражување, во Република Северна Македонија во месец август потрошувачката кошница изнесувала 840 евра (51.670 денари), додека пак минималната плата изнесува 293 евра (18.023 денари), а просечната плата била 520 евра (31.986 денари).
Во Србија пак, потрошувачката кошница за истиот месец била 753 евра (46.318 денари), а платите (минимална/просечна) биле 281 евро (17.284 денари)/ 642 евра (39.490 денари). Минималната плата во Србија исто така варира во зависност од работните часови и таа може да се движи од 281 до 298 евра.
Црна Гора бележи најдобри бројки меѓу земјите од Западен Балкан каде станува збор за најмала разлика меѓу финансиската кошница и просечната плата. Како што се наведува на графиката, во оваа земја потрошувачката кошница за месец септември изнесувала 781 евро (48.041 денари), додека пак минималната и просечната плата изнесувале 450 евра (27.680 денари) и 718 евра (44.165 денари).
Босна и Херцеговина, пак, е земја каде оваа разлика е најголема, односно каде луѓето плаќаат најмногу за основните трошоци за живот, а платите се доста загрижувачки. Потрошувачката кошница во земјава во август изнесувала дури 1.455 евра (88.885 денари), а платите 271 евро (16.669 денари) и 571 евро (35.123 денари).
Во месечните податоците за потрошувачката кошница се вклучени минималните трошоци на едно семејство за еден месец.
Подготвено од М.Н.