01.11.2022 Скопје
На 3 ноември во Берлин, на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц, ќе се одржи Самит за Западен Балкан, како дел од таканаречениот Берлински процес.
Кабинетот на германскиот канцелар соопшти дека на самитот ќе присуствуваат шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан, претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, поранешните домаќини на самитот на Балканскиот процес од 2014 година, неколку членки на Европската Унија од регионот, како и највисоките претставници на регионалните и меѓународните организации.
Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.
Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ. Иницијативата, главно, се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот.
Подготвено од А.Ѓ.