https://www.facebook.com/msuskopje/photos/gm.527790592133232/3423909357866809

03.11.2022 Скопје

Музејот на современата уметност започнува со реализација на проектот „Пејзаж на вознемиреност“, култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени.

На 4 ноември, утре, со раболтилница во Велес започнува реализацијата на проектот.

Проектот „Пејзаж на вознемиреност“ се однесува на климатските состојби и еколошки предизвици, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлотација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.

Главно прашање на проектот е како институциите во културата и уметниците можат да придонесат во справување со овие кризни состојби.

Со овој проект, Музејот на современата уметност презема важна институционална улога осредоточена на ефектите од климатските промени, погрешните локални политики, загадувањето на воздухот, депониите и губењето на биодиверзитетот.

Во претстојниот период, проектот вклучува повеќе серии на работилници во Скопје, Велес, Битола и Преспа, кои ќе се реализираат во соработка со локални еколошки друштва и организации, преку кои, новите генерации уметници, истражувачи и активисти во Република Северна Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени.

Овој процес на едукација и размена на искуства ќе резултира со создавање колаборативни уметнички дела, публикација на рециклирана хартија, и изложба во Музејот на современата уметност во Скопје во Март 2023 година.

На утрешната работилница во Велес, ќе учествуваат раководителот на проектот Тихомир Топузовски, кураторката Ивана Васева, биологот и еколог Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска, уметнички колектив, уметницата Ивана Мирчевска, уметникот Дарко Алексовски, како и членови на Еколошко друштво од Велес, „Вила Зора”.

Учесниците во работилницата првин ќе одат во посета на неколку значајни локалитети во Велес, како што се Езерото Младост – Како човекот низ просторот и времето го менува и прилагодува релјефот, „Топилницата” – Историските и моменталните траги од човечката индустријализација и во Велешки Ади, Градскиот Парк – Историската и културолошкaта промена на потребата и начините на кој човекот ги искористува природните ресурси.

Со почеток во 12 часот на пладне ќе се одржи работна сесија во Ликовниот центар на „Народен музеј” Велес, каде ќе се одржи предавање на тема „Природна и еколошка карта на Велес”, потоа ќе се одржи разговор со локален еколошки активист од Вила Зора, Велес, и на крајот ќе се води дискусија.

Работилницата ќе биде отворена за јавноста. Сите заинтересирани, можат да присуствуваат на предавањата или да земат учество во дискусијата.

Република Северна Македонија и земјите од Западен Балкан претставуваат средиште на загадувањето во Европа, пред се, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии и енергетската сиромаштија на населението. Низа фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата и севкупниот биодиверзитет на земјата, предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина и здравјето на граѓаните.

Основната цел на проектот е да создаде услови за квалитетна размена на знаења, соработки, едукација и уметничка продукција, преку која уметниците, истражувачите, еколозите, активистите и граѓаните во Република Северна Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени.

Културата е суштинска алатка за генерирање на еколошки ангажмани, истовремено влијаејќи на други меѓусебно поврзани агенди, како што се урбаното планирање, социјалната вклученост и правото на здрава животна средина.

Проектот е целосно финансиран од ФООМ, Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author