https://en.wikipedia.org/wiki/Church_of_St._Clement_of_Ohrid#/media/File:Iglesia_de_San_Clemente,_Skopie,_Macedonia,_2014-04-17,_DD_01.JPG

01.11.2022 Скопје

Сајтот „Христијанпост“ објави дека Фондацијата Источноевропски мисии (ЕЕМ), која е дел од Христијанската мисија со седиште во Тексас, донирала повеќе од 225.000 детски библии во Република Северна Македонија откако добила одобрение од македонските власти.

Донацијата е реализирана преку Комисијата за односи со верските заедници, а потоа целиот тираж ѝ бил предаден на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Иако во објавата на сајтот стои дека донацијата била одобрена од Владата, оттаму велат дека немаат никаква информација за оваа активност ниту, пак, била донесена одлука за тоа.

Директорот Даријан Сотировски потврди дека целата процедура на донирањето е извршена преку Комисијата за односи со верските заедници, објаснувајќи дека ЕЕМ е фондација што работи на печатење библии на различни јазици и ги донира по светот.

Сотировски истакна дека во Република Северна Македонија на црковно поле годинава беше историска, многу значајна и тие ги контактирале за воспоставување соработка и ги информирале дека сакаат да донираат библии на македонски јазик. Воедно, додаде дека со нив имале неколку средби и разговори, по што го донираа целиот тираж на Комисијата. Станува збор за библии во скратена верзија, поедноставена содржина со раскази и илустрации.

Пред да се прими донацијата, како што изјави Сотировски, комисија од стручни лица од Богословскиот факултет во Скопје ја проверила содржината за да се утврди дали текстот е оној што се користи кај нас, со цел читателите да не бидат изложени на пропаганда. Воедно, додаде дека според Законот за донации, ги примиле и ѝ ги донирале на МПЦ-ОА, бидејќи како државен орган немаат како да ги дистрибуираат, истакнувајќи дека сега библиите се во МПЦ-ОА и тие си имаат свој план за дистрибуција во епархиите и по црквите.

На забелешката зошто се потребни толку детски библии, од Комисијата велат дека не се детски, но се приспособени за деца, со поедноставени текстови, но не биле како сликовници.

Фондацијата Источноевропски мисии (ЕЕМ) е формирана во 1961 година и печати и дистрибуира бесплатни библии во Источна Европа и во околните земји и тие се наменети за детски кампови, училишта, бегалци центри и други места каде што има потреба од Светото писмо.

Барт Рубински, потпретседателот на ЕЕМ за Европски операции, изјави дека нивната организација контактирала со македонските власти, како и со Библиското друштво, за да го добие правото за објавување на нивните текстови, но и со православните цркви во регионот.

Боб Баркл, претседателот на ЕЕМ, истакна дека прво контактираат со преведувачи и со библиски друштва од кои ги добиваат преводите, по што одлучуваат за форматот на книгите, ги печатат, објавуваат и ги дистрибуираат.

Како што изјавија, и Баркл и Рубински присуствувале на церемонија во Скопје на која била одбележана донацијата и биле претставени книгите наменети за деца на училишна возраст.

Рубински објасни дека Република Северна Македонија со години имала конфликт со грчката држава поради името на земјата. Исто така, додаде дека била во конфликт со Српската православна црква, која не ја признаваше македонската, а со Бугарија има спор околу културата и историјата. Според Рубински, недостигот на позитивни влијанија ја поттикнале власта и црковните лидери да ја видат придобивката од тоа децата да имаат библија на свој јазик и тоа е библија на македонски јазик и тоа е многу значајно.

Рубински објасни дека на почетокот на функционирањето на организацијата тимот бил среќен ако можел да дистрибуира максимум две-три илјади библии годишно. Но, само последната година групата дистрибуирала 1,5 милиони библии на над 20 јазици во повеќе од 30 земји.

Организацијата, според Рубински, се финансира од поединци и цркви, а во моментов најмалку 1.082 цркви во САД ја поддржуваат нејзината мисија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author