16.11.2022 Скопје
Денеска руската мисија во Обединетите нации го повтори претходното негирање на Москва за вмешаност во експлозијата во Полска и потврди дека инцидентот е обид да се вовлече НАТО директно во војната во Украина.
Полските власти соопштија дека вчеравечер две лица загинале откако проектил од руско производство паднал во близина на селото Пржеводов, на околу 6,4 километри западно од украинската граница, приближно во исто време кога московските сили го лансирале својот најголем бран ракетни напади врз украински градови за повеќе од еден месец.
Претставникот на Русија во Обединетите нации, Дмитриј Полјански, истакна дека фактите покажуваат дека Русија нема никаква врска со ракетите што ја погодија полската територија и инцидентот во Полска, според него, е обид да се предизвика директен воен конфликт меѓу Русија и НАТО.
Дмитриј Полјански потенцира дека инцидентот ќе биде во центарот на вниманието на состанокот на Советот за безбедност на ОН за Украина подоцна денеска.
Околностите на инцидентот, вклучително и кој го испукал проектилот и од каде е истрелан, остануваат нејасни.
По вонредниот состанок на маргините на самитот на Г20, лидерите на НАТО и Г7 рекоа дека понудиле „целосна поддршка“ за Полска и дека ќе „останат во близок контакт“ за да се утврдат соодветните следни чекори.
Подготвено од А.Ѓ.