Image by lifeforstock on Freepik

17.11.2022 Скопје

Во вторникот се одржа завршна панел-дискусија на проектот „Младински екоактивизам за зелени општини“, на која младите заедно со градоначалниците на Чаир, Висар Ганиу, на Аеродром, Тимчо Муцунски и на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски ги споделија новите барања од младите до општините.

Од организацијата „Go Green“ информираат дека младите побарале нови паркови, екоработилници за климатски промени во училиштата, еко-акции во училиштата, повеќе велосипедски патеки, засадување на дрвја, субвенции за набавка и поправка на велосипеди, и тоа се само дел од десетиците проекти коишто младите ги предложија како барање за зелени проекти поднесени до општините.

Арта Ќерими, проектен координатор во „Go Green“, истакна дека барањата ги имаат собирано од младите, за што тие сакаат да видат како зелена промена во нивната општина. Потоа, со тимот и заедно со општините Аеродром, Чаир, Кисела Вода и Куманово ги имаат избрано оние кои се во надлежност на општините и кои имаат најмногу шанси за реализација во идната 2023 година, потенцирајќи дека овој процес се прави се со цел младите да бидат конструктивни во нивните критики, да се зајакне младинската инфраструктура на локално ниво и да се има активно учество на младите во донесувањето на одлуките на локално ниво.

Висар Ганиу, градоначалникот на Општина Чаир, изјави дека младите се столбот за напредна општина со јасна визија за иднината. Додека пак, градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски истакна дека младите се најголем партнер на општините и институциите на државата и затоа е потребно да се вложат напори за нивно вклучување во процесот на креирање политики и изнаоѓање на решенија за сите предизвици.

Од организацијата „Go Green“ информираат дека со оваа соработка креирале мост помеѓу младите и општините и останува да се следи заеднички реализацијата на овие барања.

Претседателката на „Go Green“ изјави дека локалната климатска акција е од суштинско значење во борбата со климатските промени, а младите се една од ранливите групи на последиците од климатските промени, затоа тие мора да бидат активни и да влијаат на општинските политики. Воедно, информира дека моментално само десетина локални младински совети се формирани, од вкупно 81 на ниво на држава и овие совети се претставничкото тело на младите, гласот за нивните потреби и визии во општината.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author