08.11.2022 Скопје
На заедничката прес-конференција во Софија со македонскиот министерот за надворешни работи Бујар Османи, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков изјави дека Бугарија е заинтересирана да биде вратен позитивниот дневен ред во односите со Република Северна Македонија, нешто што изминатите месеци е загубено.
Бугарскиот министер за надворешни работи Милков истакна дека е парадокс да се има една визија за развој на регионот и на билатералните односи, да се има механизам за решавање, односно Договорот за добрососедство од 2017 година, Протоколот, а во исто време да се појави една атмосфера, која не е позитивна за развојот на односите меѓу двете земји, потенцирајќи дека тоа планираат да го надминат со оваа посета со интензивирање на дијалогот меѓу двете министерства и двете држави.
Бугарското Министерство за надворешни работи информира дека Милков и Османи разговарале за сите препреки со кои се соочуваат двете земји, за клубовите, за внесувањето на Бугарите во Уставот, се насочиле и кон позитивните теми, кои изгледаат како да останале во сенка, а како најважна е високата трговска размена, која се очекува до крајот на годината да достигне на една милијарда евра.
Бујар Османи додаде дека се разговарало и за динамиката на работата на меѓусекторските групи, кои ги формирале на последната задничка седница на владите, изразувајќи уверување дека постојат голем број сфери во кои соработката може да се интензивира.
Подготвено од А.Ѓ.