23.11.2022 Скопје
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис истакна дека изборите ќе се одржат на крајот од четиригодишниот мандат, но за датумот ни тој самиот сè уште нема одлучено.
Нова демократија дојде на власт во јули 2009 година и иако неколку пати во изминатиот период се споменуваше можноста изборите да се одржат порано, сепак Мицотакис уште еднаш категорично демантираше одговарајќи дека ни токсичната клима во земјата нема да влијае врз неговата одлука.
Мицотакис објасни дека токсичноста не е нешто ново, ако влијаеше, изборите ќе ги имаше објавено многу порано. Воедно, потсети дека повремено многумина предвидуваа дека ќе распише предвремени избори бидејќи гледаа дека анкетите беа многу позитивни за Нова демократија и продолжуваат да се позитивни, но има кажано дека сака да го искористи четиригодишниот мандат и токму тоа е неговата намера.
Во однос на скандалот со прислушувањата, грчкиот премиер повтори дека прашањето за безбедноста на комуникациите е многу важно, воедно додаде дека доставен е предлог-закон за измени во работата на Националната служба за разузнавање, но и дека Грција ќе биде прва европска земја што ќе забрани продажба и употреба на малициозни софтвери, а употребата ќе биде кривично дело.
За грчко- турските односи, посочи дека Турција е „непредвидлива, предизвикува тензии, а често е и агресивна” и додаде дека сакаат искрен дијалог со источниот сосед за единственото прашање што е причина на разликите меѓу двете земји, а тоа е одредување на морските зони во Егејското море и Источниот Медитеран.
Грчкиот премиер за употребата на „Предатор“ истакна дека сака да ги разграничи, оние работи што се познати од „разните научно- фантастични сценарија, кои многу методично ги шири дел од печатот, а кои со голем ентузијазам потоа се прифатени и од опозицијата”.
Подготвено од А.Ѓ.