Image by KamranAydinov on Freepik

05.11.2022 Скопје

Мелничарите најавуваат поевтинување на лебот за околу 10 отсто кон крајот на декември или од почетокот на идната година.

Мелничарите ја поздравуваат владината одлука за обезбедување електрична енергија по поволни цени со која се опфатени производителите на храна и велат дека од неа најголем бенефит ќе имаат граѓаните. Но, сепак, како што објаснуваат, цената на лебот ќе зависи и од движењето на цените на суровините.

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Република Северна Македонија, Горан Малишиќ, истакна дека со двете владини одлуки, за цената на електричната енергија и за ограничување на маржите во трговијата на големо и трговијата на мало, неминовно ќе има надолна линија со што ќе се постигне нормална цена во моменталната кризна состојба. Воедно, додаде дека во зависност од индустрискиот пекарски капацитет, намалувањето на цените би било околу 10 проценти на малопродажните цени, ако основната суровина, пченицата и брашното на берзите се задржат на ова ниво со цените во опкружувањето и во светски рамки.

И според потпретседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) и претседател на Агро-бизнис комората при ССК, Горан Ѓорѓиевски, мора да се земе предвид дека намалувањето на цената на лебот и печивата зависи и од движењето на цените на суровините.

Како дополнителна мерка која ќе влијае на намалување на негативниот ефект од растот на цените на суровините, Ѓорѓиевски го посочува активирањето на стоковните резерви.

Засега, цените на лебот кај нас во споредба со опкружувањето се на исто ниво. Поголеми се, како што информира Малишиќ, само од околните држави кои го субвенционираат лебот, како што е Србија, додека цените во ЕУ се од 120 до 360 денари по векна, зависно од грамажата.

Според Малишиќ, мелничката индустрија во целост згасна до крајот на септември поради високите цени на електричната енергија, со неможност да ја обработува откупената домашна и увезената пченица. Но, со постепеното олабавување на цените на струјата, од средината на октомври, срамежливо и полека почнува со работа.

Поради фактот што жетвата заврши летово, Владата и ресорните министерства, Малишиќ смета дека треба сиот свој капацитет да го насочат кон целсоно засејување на сите необработени површини со основните житни култури за прехрана на населението и со многу дополнителни стимулации за да станеме увозно независни и самоодржливи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author