Image by prostooleh on Freepik

15.11.2022 Скопје

Во соопштението од Македонскиот центар за меѓународна соработка се наведува дека возрасните се потолерантни од младите. Меѓу испитаниците над 65 години и оние меѓу 18 и 29 години особено се видливи разликите во однос на Ромите, припадниците на друга вера, етничка припадност или политичка партија и се движат меѓу 22 и 32 процентни поени.

Испитаниците биле прашани за оправданоста на некои појави за кои покрај законските ограничувања постојат и морални норми во општеството. Највисоки се бројките за неоправданост на семејното насилство, самоубиството, проституцијата и хомосексуалноста и се движат меѓу 87 проценти и 91 процент. За граѓаните, најмалку неоправдан е разводот каде се зголемила оправданоста во однос на 2010 година.

За тоа кој најмногу ги поддржува личните и потребите на заедницата, граѓаните имаат поделени мислења. Синдикатите се најпрепознаени, па речиси една четвртина сметаат дека тие даваат најголема поддршка и за нив лично и за заедницата.

Секој петти граѓанин ги гледа политичките партии во улога на најголеми поддржувачи на потребите, лични и оние на заедницата. Речиси изедначена е перцепцијата за црквите и верските организации и граѓанските организации и се движи меѓу 15 и 17 проценти.

За односот кон природата и грижата за животната средина, речиси половина од граѓаните, 49,5 проценти, велат дека загадениот воздух е најголем предизвик за животната средина. За околу една четвртина тоа е загадувањето на водите, реки, езера, и водата за пиење, а на трето место, 18,1 процент, е загадувањето на почвите и депониите. Скоро половина ги посочиле граѓаните како најодговорни за состојбата со животната средина, а мало малцинство одговорноста ја гледаат кај државата и општините.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author