25.11.2022 Скопје
По завршувањето на дводневниот состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Бугарија, копретседателот Драги Ѓорѓиев изјави дека е можно да биде постигнат договор, и дека ќе продолжат со таа надеж и следната година да дискутираат на тие теми.
Дебатата во овие два дена, според Ѓорѓиев, била околу Охридската архиепископија, и една од забелешките од колегите од Бугарија била дека тие сакаат да се промени начинот на кој таа е претставувана во нашите учебници.
Ѓорѓиев изјави дека различните пристапи во толкувањето на изворите од средновековието, прават комисијата да има различен пристап во правењето на препораките за учебниците, и дека тоа е еден од главните камења на сопнување во работата, односно конфликт околу кој не можат да се разберат двете страни и да се најде соодветно решение.
Претседавачот на бугарскиот дел од комисијата, Ангел Димитров, потврди дека главна тема на средбата во изминатите два дена била, како да биде претставена Охридската Архиепископија во учебниците, и дека и покрај првичните очекувања, конкретни резултати не се постигнати.
Ѓорѓиев изјави дека за учебниците во бугарскиот образовен систем има усвоено седум наши препораки кои треба да бидат имплементирани, и дека со тоа е завршена дебатата за бугарските учебници. На тоа ниво петти и шести клас, кај нас соодветно е шесто и седмо одделение и сега треба да се расправа за нашите учебници.
Подготвено од М.Н.