https://www.facebook.com/photo/?fbid=109999651545601&set=a.142099824998810

30.11.2022 Скопје

Кучињата кои биле пријавени дека нападнале или каснале минувачи и кои биле заловени од страна на стручните тимови на ЈП „Лајка“, откако им бил спроведен тест за социјализација, се нудат на посвојување.

Од ЈП „Лајка“ информираат дека како дел од секојдневните практики, заловувачките тимови на дневно ниво заловуваат нови единки за хуман третман во прифатилиштето на ЈП „Лајка“, а меѓу пријавите по коишто се постапува, се и оние по каснување на граѓани. Воедно, информираат дека по овие пријави до сега се заловени преку 25 бездомни кучиња, кои по заловувачката акција се згрижени во стационарот на ЈП „Лајка“, ги имаат поминато сите ветеринарни процедури, подлежат на хуман третман и на истите им се спроведува тест за социјализација.

Според информациите од ЈП „Лајка“, половина од овие кучиња се веќе успешно вдомени и живеат среќно згрижени во семејства, што според нив доволно говори дека се подобни за вдомување и можат да бидат одлични миленици.

Од јавното претпријатие истакнуваат дека улицата е сурово место за живот на бездомните кучиња, бидејќи во потрага по топол дом, храна и љубов овие животни често се жртви на немилосрдно однесување и малтретирање од страна на граѓаните, кои ги прават агресивни, уплашени и склони да напаѓаат.

ЈП „Лајка“ апелира до сите граѓани кои имаат желба да вдомат куче, да направат хумано дело и да му подарат топол дом на некое од овие шепасти пријатели, особено пред почетокот на зимските студени денови.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author