11.11.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски, по најавата дека треба да се формира собраниска работна група за европски реформи, се повлече и истакна дека за сите реформи ќе расправа Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не коментира дали барањето на премиерот е директно мешање на извршната во законодавната власт и дали е потребно удвојување на собраниските тела, бидејќи за „европски“ закони и за реформи во Собранието има постојани комисии – за надворешна политика, за европски прашања и Национален совет за евроинтеграции.
Владата истакна дека идејата била да се формира неформално обраниско тело, кое ќе ги турка законите со европско знаме за да не заглавуваат во Националниот совет, со кој претседава Александар Николоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
По лидерската средба во Собранието, премиерот Ковачевски изјави дека е потребна собраниска група за европски реформи, која врз основа на Извештајот на Комисијата и скрининзите ќе се погрижи реформите поврзани со преговорите со ЕУ да не бидат блокирани и да не доцнат. Воедно, додаде дека Националниот совет за евроинтеграции претседаван од опозицијата може да биде вистинското место за тоа, а Комисијата за европски прашања во секој случај си ја задржува својата важна законодавна улога.
Ковачевски потенцира дека е потребен договор за национално единство за ЕУ кој ќе ги покаже искрените намери за европеизација на општеството и за полноправно членство во ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.