https://vlada.mk/node/31083

21.11.2022 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, премиерот Димитар Ковачевски учествуваше на настан по повод Светскиот ден на детето под мотото: „Кога се работи за детските права, сите сме еден тим“, во организација на Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија.

На настанот, покрај премиерот Ковачевски, обраќања имаа и Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ и Дени Масев, директор на ФФМ, по што се одржа пријателски натпревар.

Премиерот Ковачевски, во своето обраќање, истакна дека на овој ден се потсетуваме кои ни се приоритетите, каде треба да ни е насочен погледот, што сакаме да постигнеме за да обезбедиме безгрижно детство, а секако и подобра иднина и можности за развој.

Откако го честита Светскиот ден на детето, Ковачевски додаде дека оваа година Светскиот ден на детето практично се поклопува со започнувањето на Светското првенство во фудбал и во тој фудбалски дух и тимска енергија им порача дека ние сите ќе сме силни како заедница, сѐ додека како едно семејство се грижиме за оние кои ја преставуваат иднината на нашата земја – децата. Воедно, истакна дека последниве неколку години беа навистина полни со предизвици – Ковид пандемијата, економската криза, војната во Украина, енергетската криза, сето тоа остави огромни последици, особено не само врз семејствата, туку и врз децата.

Според Ковачевски, децата и младите беа најпогодени од Ковид кризата, затоа што целосно им се измени и учењето и другарувањето, односно им се измени животот, истакнувајќи дека воопшто не беше лесно да си дете во тој период. Исто така, Ковачевски верува дека предизвиците нѐ прават посилни и кога пловиме по немирни води, само со храбар и проактивен однос кон животот постигнуваме успеси.

Светскиот ден на детето е прогласен на 20 ноември 1954 година на Генералното собрание на Обединетите нации, а пет години подоцна е усвоена и Декларацијата за правата на децата. Генералното собрание на ОН на 20 ноември 1989 година ја усвоило Конвенцијата за правата на децата, првиот меѓународен документ од областа на човековите права кој посебно се занимава со децата.

Конвенцијата ја ратификувале 193 држави, а нејзините основни принципи се правото на живот, опстанок и развој, најдобриот интерес на детето, правото на партиципација, како и правото на недискриминација.

Сите деца ги имаат правата од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што работат нивните родители, дали се сиромашни или богати, кој јазик го зборуваат, на која религија или култура припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што како општество ги имаме кон нашите деца, особено оние чија положба е многу чувствителна.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author