07.11.2022 Скопје
Денеска во Собранието, премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски ќе одржи средба со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.
Владата, во најавата за свикување на средбата на 2 ноември, соопшти дека средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.
Во саботата, по увидот на градежните работи на делницата од патот Фариш – Прилеп, премиерот Ковачевски изјави дека лидерската средба ја свикал со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот заедно да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да бидат доносени во еден широк, општествен и политички консензус. Воедно, додаде дека дел од разговорите ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и економските аспекти на нашата соработка со ЕУ.
Премиерот Ковачевски нагласи дека приклучувањето кон ЕУ не е само прашање на интеграција, не е само политичко прашање, туку веќе станува и економско прашање и сите граѓани можат да видат дека во справувањето со економската криза нашата дражва не е оставена сама, потенцирајќи дека она што го кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но и пораките упатени од Самиот на земјите од Западен Балкан одржан минатата недела во Берлин, покажуваат дека регионот и нашата држава се дел од активностите на Унијата.
Во саботата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потврди дека ќе присуствува на средбата, најавувајќи дека на неа ќе ги презентира партиските ставови, кои е подготвен да ги брани секаде во светот. Воедно, додаде дека во однос на промените на Уставот, тоа прашање е затворена тема за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, уставни измени „нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија”.
Арбер Адеми, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), нагласи дека претставници на партијата ќе присуствуваат на лидерската средба иницирана од премиерот Ковачевски, истакнувајќи дека со оглед на важноста на моментот низ кој поминуваме, како општество и како држава, смета дека е правилно да се одржи ваква средба, бидејќи ситуацијата е сериозна и заслужува сериозен одговор и одговорност од сите политички партии.
Подготвено од А.Ѓ.