Image by Freepik

18.11.2022 Скопје

На Самитот КОП27, кој се одржа во луксузниот египетски град Шарм ел-Шеик, требаше да се донесат појасни визии за тоа како светот ќе се бори со климатските промени за кои експертите постојано предупредуваат дека ќе ја втурнат планетата во едно опасно место за живеење.

Изминатава недела, празните ветувања на светските сили дека „ќе преземат повеќе“ во борбата со овој проблем повторно беа повторени.

Предизвиците кои беа поставени пред лидерите на Г20 се топењето на глечерите, нечистиот воздух, горењето на шумите, гладот, сиромаштијата и глобалното затоплување.

Претходно оваа недела, Службата за климатски промени Коперник објави дека Европа го доживеала најтоплиот октомври досега, со температури за речиси 2 степени над просекот во изминатите 30 години.

Имајќи предвид дека 2022 година веќе е на пат да стане шеста најтопла година пред октомври, сега може безбедно да се претпостави дека непожелната топла низа на планетата нема да заврши оваа година.

Според Националната управа за океани и атмосфера (НООА), последните осум години биле најтопли досега, односно од 1880 година, со глобални средни температури на површината (копно и море) кои се разликуваат од 0,82 до 0,99 степени Целзиусови од просекот во 20 век.

На 6-ти ноември светските лидери се собраа уште еднаш за да разговараат за климата. Минатата година ова време, сите погледи беа вперени во Глазгов, Шкотска, на самитот за климата на ОН, КОП26.

Напредокот од Глазгов е разочарувачки, како што се наведува во најновиот Извештај за јазот на емисиите од Програмата за животна средина на ОН.

Извештајот открива дека само 0,5 милијарди тони се намалени од минатогодишниот јаз од 17 до 20 милијарди тони помеѓу тоа каде би требало да биде годишната стапка на емисии на јаглерод диоксид во 2030 година за да се понуди пристојна шанса за ограничување на затоплувањето на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските температури, и она што е имплицитно во политичките ветувања на маса

Поголем дел од намалувањето доаѓа од поактивните климатски политики на новата австралиска влада.

Од другите членки на групата Г20 со значителни економии, само Индонезија и Јужна Кореја ги зголемија своите климатски амбиции. Ситуацијата во Бразил уште толку се влоши.

Моделите проценуваат дека доколку се исполни секоја национална цел за климата за крајот на оваа деценија, тогаш просечните глобални температури би се зголемиле за 2,4 Целзиусови степени до 2100 година. Постоечките климатски политики – вистинска акција, не само ветувања – се еднакви на 2,8 Целзиусови степени затоплување до 2100 година.

Војната во Украина ни покажа колку навистина се кревки глобалните синџири на снабдување.

Испораката на пченица, која е од суштинско значење за безбедноста на храната на заедниците во многу делови од светот, беше особено погодена и имаше ефект во другите земји, зголемувајќи ги цените и влошувајќи ги претходните кризи преку недостиг на храна.

Ако се додадат на тоа и влошените влијанија од климатските промени, прашањата за безбедноста на водата и храната станаа неизбежна грижа во се поголем број земји ширум светот.

Податоците од Глобалното истражување на потрошувачите на „Статиста“ покажуваат дека повеќе од половина од испитаниците, 54 проценти во Јужна Африка сметаат дека снабдувањето со храна и вода е еден од најголемите предизвици за нивната земја, проследено со околу 40 проценти во Мексико и 33 проценти во Бразил.

Безбедноста на храната и водата е загрижувачка и во Европа, при што околу еден од пет луѓе ја наведуваат како сериозна загриженоста во Британија, Франција и Шпанија. Во меѓувреме, во САД, околу 27 отсто од испитаниците рекле дека тоа е клучна грижа.

Минатата година, бројот на пожари во тропските шуми остана висок, и покрај обврските од различни компании и влади за спречување на уништувањето на шумите.

Според податоците од Универзитетот во Мериленд, во 2021 година тропските предели изгубиле 11,1 милиони хектари дрвја, површина со големина колку Куба. Од оваа вкупна загуба на дрвја, 3,75 милиони хектари одговараат на примарни тропски шуми, области од клучно значење за складирање на јаглерод и биодиверзитет.

Според платформата за мониторинг на шумите, загубата на примарните тропски шуми во 2021 година генерирала 2,5 милијарди тони емисии на јаглерод диоксид, што е еквивалентно на годишната емисија на Индија од фосилните горива.

Нивото на примарната загуба на шумите во тропските предели остана конзистентно во последните четири години. Иако тропските предели изгубија 11 отсто помалку шуми во 2021 година во споредба со претходната година, тоа следеше по 12 отсто зголемување на загубата помеѓу 2019 и 2020 година, главно поради зголемувањето на загубите поврзани со пожарите.

Бразил е земја во светот со најголемо количество примарни шуми, а воедно и земја која бележи најмногу загуби од овој тип. Минатата година само во Бразил се случија повеќе од 40 отсто од вкупната загуба на примарните тропски шуми во светот. Земјата загуби 1,5 милиони хектари, а најпогоден е регионот на Амазон.

Светските лидери на самитот на Г-20 се согласија да продолжат со напорите за ограничување на порастот на глобалните температури до 1,5 степени Целзиусови, вклучително и забрзување на напорите за постепено укинување на употребата на јаглен.

Во соопштението објавено на крајот од самитот се наведува дека се решени да продолжат со нивните напори да го ограничат зголемувањето на температурата на 1,5 степени Целзиусови и тоа ќе бара значителни и ефективни активности и посветеност од сите земји.

Научниците предупредуваат дека огромни количини бактерии би можеле да завршат во светските мориња поради топењето на глечерите. Воедно, предупредуваат дека во нив може да се најдат потенцијално опасни патогени.

Глечерите се големи маси на мраз формирани во текот на стотици или илјадници години, а поради климатските промени тие сега се топат со алармантна брзина. Поради нивното топење порасна и нивото на морето.

Истражувачите од Универзитетот Абериствит ја проучувале водата од глечерите низ Европа, Северна Америка и од две локации во Гренланд. Нивната студија покажала дека мора да се справиме со климатските промени што е можно поскоро, затоа што истражувачкиот тим проценува дека во текот на следните 80 години, повеќе од 100.000 тони микроби би можеле да бидат ослобедени во водата. Тој број може да се спореди со бројот на сите човечки клетки на Земјата.

Микробиологот д-р Арвин Едвардс изјави дека ова истражување за прв пат покажало колку микроорганизми всушност се „заробени“ во глечерите, објаснувајќи дека бројот на ослободени микроорганизми ќе зависи од тоа колку брзо ќе се стопат, односно колку брзо ќе се загрее планетата.

Меѓународниот панел на експерти за климата на ИПЦЦ развија пресметки кои се засноваат на „умерено“ сценарио за затоплување и проценуваат дека температурата на Земјата во просек ќе се зголеми за 2 до 3 Целзиусови степени до 2100 година.

Едвардс објаснува дека зголемувањето на протокот на вода од глечерите во светските реки, езера и мориња може значително да го влоши квалитетот на водата, истакнувајќи дека по неколку децении глечерите целосно ќе се стопат.

Една од главните точки на разговор на КОП27 беше прашањето за „загубата и штетата“, прашање за кое земјите во развој долго се залагаат, бидејќи гледајќи реално на работите, тие се меѓу најранливите на влијанијата на климатските промени и најмалку се способни да се прилагодат.

Фактот што овогодинешниот самит се одржува на африканскиот континент додава тежина на повиците за климатска правда, што резултира со тоа што ова прашање за првпат се става на формална агенда.

Според Меѓународната агенција за енергетика, Африка има помалку од 3 проценти од емисиите на јаглерод диоксид во светот до денес, но е несразмерно погодена од ефектите на климатските промени, вклучително и воден стрес, недостаток на храна и екстремни временски услови.

Врз основа на проценките од Базата на податоци за емисии на Европската комисија за глобално атмосферско истражување (ЕДГАР), африканските нации се всушност најмалку виновни за акумулацијата на гасовите што ја задржуваат топлината во атмосферата, додека САД, Кина и Русија испуштаат најмногу јаглерод диоксид од 1970 година.

Додека многу нации се обидуваат да ја намалат нивната зависност од руска нафта и гас, светот доживува „златна треска“ за нови проекти за фосилни горива.

Најсиромашните луѓе во светот ќе го сносат најголемиот дел од уништувањето предизвикано од сушата, топењето на мразот и неуспехот на земјоделските култури. За да се заштитат овие групи од загуба на животи и средства за живот ќе бидат потребни пари.

Во еден влијателен извештај се наведува дека на земјите во развој им требаат 2 трилиони долари годишно за да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се справат со климатскиот дефект.

Една од работите кои можат да се извлечат од овој самит се средбите меѓу светските лидери, кои како и обично, поминаа без некаква цел и заклучок.

Беше одржана првата средба лице в лице меѓу американскиот и кинескиот претседател Џо Бајден и Си Џинпинг, како и меѓу рускиот и кинескиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Ванг Ји.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author