02.11.2022 Скопје
Шон Фрејзер, министерот за имиграција, соопшти дека Канада го зголемува бројот на доселеници кои планира да ги прими, до околу половина милион годишно до 2025 година, со цел да го надомести големиот недостиг на домашна работна сила.
Повеќе од 900.000 работни места се испразнети во голем дел сектори, а невработеноста изминатите месеци падна на историско ниско ниво и во септември изнесуваше 5,2 отсто.
Отава планира да даде дозвола за постојан престој за 465.000 лица во 2023, 485.000 во 2024 и 500.000 во 2025 година.
Канадската Влада сака да ги поправи програмите за селекција на потенцијални доселеници, со цел подобро да одговори на големиот недостиг на работна сила во здравството, во специјализираните работни места, во производството, како и во таканаречниот СТЕМ сектор – наука, технологија, инженерство и математика. Воедно, Канада има во план и да ги спои семејствата чии членови живеат во странство, но и да прими помалку бегалци.
Пролетта, канадското Биро за статистика предупреди дека Канада е пред рекорден бран на заминување во пензија.
Подготвено од А.Ѓ.