02.11.2022 Скопје
Во Европа, нуклеарното оружје на САД се складира од средината на 1950-тите, кога 34-тиот американски претседател Двајт Ајзенхауер го одобри нивното префрлање во сојузничките бази на НАТО.
Овој потег имаше за цел да го одврати Советскиот Сојуз и да ги убеди инволвираните земји дека не е неопходно да започнат сопствена програма за нуклеарно оружје.
Меѓу членките на НАТО на европскиот континент, нуклеарно оружје поседуваат и Велика Британија и Франција, додека американското нуклеарно оружје е распоредено во пет други земји: Германија, Холандија, Белгија, Италија и Турција.
Уште седум европски земји учествуваат во воздушната поддршка на нуклеарните мисии: Чешка, Данска, Грција, Унгарија, Норвешка, Полска и Романија.
Иако НАТО и САД не го откриваат точниот број, се проценува дека 100 нуклеарни бомби Б-61 се наоѓаат во Клајн Брогел во Белгија, Бухел во Германија, Авиано и Геди во Италија, Волкел во Холандија и Инџирлик во Турција.
Б-61 е стратешка и тактичка термонуклеарна гравитациска бомба со низок до среден дострел која има двостепен дизајн на радијациона имплозија.
И покрај напредокот во намалувањето на нуклеарниот арсенал од Студената војна, бројот на нуклеарни боеви глави во светот останува на многу високо ниво. На почетокот на 2022 година, деветте земји заедно поседуваа 12.705 нуклеарни боеви глави.
Русија и САД имаат илјадници нуклеарни бомби во нивните резерви, додека другите земји не гледаат потреба од повеќе од неколку стотици.
Од 12.705 нуклеарни боеви глави во светот, повеќе од 9.400 се во воени резерви подготвени за употреба на проектили, авиони, бродови и подморници.
Од 9.440 боеви глави во воениот склад, околу 3.730 се распоредени во базите. Од нив, приближно 2.000 американски, руски, британски и француски боеви глави се на готовност, подготвени за употреба за кратко време.
Подготвено од А.Ѓ.