montazhna garazha kapishtec

04.11.2022 Скопје

Општина Центар, проблемот со недостиг на паркинг места во Капиштец, ќе го решава со изградба на уште една монтажна гаража на улицата Народен фронт, налик на онаа спроти ТЦ „Беверли Хилс“.

За изградбата на новата гаража во тек е постапка за јавна набавка за избор на изведувач, а нејзината изградба ќе започне веднаш откако ќе биде направен изборот.

Од Општина Центар соопштија дека катната гаража ќе се изведе во продолжение на постоечката монтажна гаража и ќе се продолжи до Цветниот пазар, потенцирајќи дека со изведба на продолжението на монтажната катна гаража значително ќе се олесни паркирањето во овој дел од општината, а капацитетот ќе биде најмалку 260 возила.

Центар има големи проблеми со паркирањето, а особено во Дебар Маало, Буњаковец, зад Универзална, на улиците околу градскиот плоштад и во Капиштец.

Паркирањето го регулираат две претпријатија, ПОЦ и „Градски паркинг“, цените за паркирање се највисоки во овој дел, голем дел од улиците се направени еднонасочни за едната лента да се намени за паркирање, па сепак секогаш е тешко да се најде слободно место, особено за жителите кои секојдневно се соочуваат со овој проблем.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author