megjunaroden monetaren fond

14.11.2022 Скопје

Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека изгледите за светската економија денес се уште помрачни отколку што беа во октомври, особено во Европа.

Според Меѓународниот монетарен фонд, влошувањето се припишува на заострувањето на монетарната политика со која централните банки се обидуваат да ја спречат тврдоглаво високата инфлација, како и слабиот раст во Кина, континуираните нарушувања во набавките и несигурното снабдување со храна поради руската инвазија на Украина.

Меѓународниот монетарен фонд, на блог пред самитот на лидерите на Г20 во Индонезија, објави дека во октомври меѓународниот кредитор малку ја намали прогнозата за светскиот економски раст во 2023 година од 2,9 на 2,7 отсто и индикаторите потврдуваат дека изгледите се помрачни, особено во Европа. Воедно, посочува дека активноста се лизга кон негативна територија, а инфлацијата и натаму е висока.

Влошувањето на енергетската криза во Европа сериозно би му наштетило на растот и дополнително би го стимулирало растот на цените.

Мешународниот монетарен фонд предупредува дека доколку продолжи периодот на висока инфлација, централните банки би можеле да ги зголемат каматните стапки повеќе од очекуваното, а условите за финансирање би можеле да се заострат и ова носи поголем ризик од должничка криза за ранливите економии.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author