07.11.2022 Скопје
Од почетокот на проектот на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи за издавање патни исправи преку базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва, отпочнат на 1 октомври 2021 година, до денес издадени се вкупно 17.650 патни исправи на македонски граѓани во странство.
Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Берн, Швајцарска Конфедерација, ја посети и Амбасадата на Република Северна Македонија во Берн, при што оствари работна средба со амбасадорот Кенан Рамадани и министерот-советник во амбасадата, Мелехат Муфтаровска.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, од страна на амбасадарот Рамадани, министерот Спасовски бил информиран дека во изминатиот период само во Берн се издадени вкупно 2.445 патни исправи преку заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи.
Министерот Спасовски истакна дека од самиот почеток на проектот заклучно до денес преку дипломатско-конзуларните претставништва вкупно се издадени 17.650 патни исправи на македонски граѓани во странство, што претставува сериозно кратење на времетраењето на процедурите, намалување на гужвите по управните служби, но и трошоците за граѓаните, односно сега процедурата трае од 15 до 30 дена, споредбено со неколку месечното чекање што беше пракса во минатото, пред отпочнување на проектот.
Амбасадорот Рамадани упати благодарност поради слухот што оваа Влада и министерот Спасовски го имаат за потребите на Македонците во дијаспората и му презентираше дел од предлозите и предизвиците со кои се соочуваат нашите иселеници.
Од страна на министерот Спасовски, амбасадорот Рамадани доби уверување дека целта на ваквите средби со наши иселеници, како што беше и вчерашната во Тринген, е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат.
Подготвено од А.Ѓ.