https://www.facebook.com/photo/?fbid=567244268738395&set=pcb.567245165404972

08.11.2022 Скопје

Министерството за култура соопшти дека преку програмите за изградба на нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата, досега се инвестирани над 26 милиони денари за реконструкција на Центарот за култура во Кочани.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека проектната документација е целосно обезбедена и завршена во 2016 година и реконструкцијата на објектот на НУ Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани е започната во 2018 година со изведба на фазата за реконструкција на покривот, реконструкција на фасадата и промена на фасадната столарија, потенцирајќи дека со реализацијата на оваа фаза, извршена е комплетна изведба на енергетски ефикасна фасада и изолација на објектот.

Како што соопшти Министерството за култура, министерката Костадиновска-Стојчевска, при увидот во Кочани, има истакнато дека приоритет е сите културни центри, кои со години биле запоставени, во континуитет да се реконструираат, а со тоа ќе се подобри работата на културните работници и ќе се збогати културно-забавниот живот на граѓаните.

Во согласност со планот за реконструкција за оваа 2022 година, како што потенцира министерката за култура, предвидени се 16 милиони денари, а заклучно со октомври се реализирани над 8 и пол милиони денари, а во тек е реализацијата на уште еден договор кој се однесува на набавка и монтажа на седишта во гледалиштето, кој е во вредност од над 7 милиони денари и се очекува до крајот на годинава да биде реализиран целосно.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author