https://www.facebook.com/photo/?fbid=434300398831326&set=a.175972461330789

03.11.2022 Скопје

Хрватската Влада ќе почне јавна консултација за новиот данок на екстра добивка, кој се воведува по иницијатива на Европската комисија.

Новиот данок на екстра добивка е еднократен данок, првенствено резервиран за енергетскиот сектор, кој профитираше од поскапувањето на гасот, струјата и горивата, но државите можат слободно да го применуваат по своја дискреција за сите претприемачи чии профити излетале од вообичаените граници. Оваа граница е поставена на 20 отсто поголема добивка во однос на добивката што ја остварија компаниите во изминатите четири години.

Премиерот Андреј Пленковиќ и министерот за финансии Марко Приморац, разговарале за ова со коалициските партнери, меѓу кои нивниот предлог не бил одобрен.

Станува збор за тоа што Министерството за финансии не сака да го ограничи новиот данок само на енергетскиот сектор, туку би го платиле и сите други компании чии профити годинава скокнале за повеќе од 20 отсто.

Годинава, Хрватска планираше да собере околу 9,3 милијарди куни данок на добивка од фирмите, но при ребалансот оваа сума се искачи на 11,3 милијарди, односно ќе инкасира две милијарди куни повеќе. За приближно иста сума е зголемена и наплатата на ДДВ. Данокот би се плаќал во 2023 година за добивката остварена во 2022 година.

Хрватските претприемачи се погласни во искажувањето на своите ставови од кој било синдикат и очекувано се противат на проширувањето на даноците за компаниите надвор од енергетскиот сектор.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author