09.11.2022 Скопје
Денеска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше средба со делегација од Сојузот на средношколци, предводена од претседателот Лука Павиќевиќ, на која разговараа за потребите на средношколците во земјава и за можностите за унапредување на условите за образование, кои ќе обезбедат ефикасен и квалитетен процес на наставата.
Како што информираат од владината прес-служба, вицепремиерката Грковска има истакнато дека е многу важно средношколците да бидат обединети и активно да учествуваат во креирањето на политиките кои се однесуваат на нив, бидејќи само на тој начин може да се дојде до ефикасни, долгорочни и одржливи решенија и политики.
На средбата, Павиќевиќ го претстави нивниот предлог за измени и дополнување на Законот за средно образование, кој се однесува на проширување на опфатот на бесплатниот јавен превоз и за учениците од приватните средни училишта, за учениците со посебни образовни потреби, но и за феријалната практика која се реализира за време на летниот распуст.
Владината прес-служба информира дека вицепремиерката Грковска ја поздравила определбата на средношколците, преку пошироки консултации со пратениците, но и со надлежните институции, да обезбедат консензус за прашањата кои се од нивен интерес..
Подготвено од А.Ѓ.