https://www.facebook.com/photo/?fbid=185308127390647&set=pcb.185308320723961

02.11.2022 Скопје

Денеска се одржа панел дискусија на тема „Младински политики – потреби, можности и предизвици”, организирана од заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Главните заклучоци беа дека последниве децении се соочуваме со процес на иселување на младите, кои се двигател на општеството, и со тоа се оневозможува да ги имаме оние кои ќе придонесат за најпрогресивните промени во државата. Како и дека е потребно да се обединиме сите заедно и со заеднички пристап да ги задржиме младите и да им ја вратиме довербата во институциите.

Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење, во своето обраќање истакна дека сите сме сведоци дека последниве две децении се соочуваме со процес на иселување на младите од државата, затоа што тие одбираат повеќе својот животен и професионален пат да го градат надвор од својата татковина, наместо целиот свој потенцијал да го искористат во развојот на нашето општество. Воедно, додаде дека е сериозно загрижена за ваквите состојби, имајќи предвид дека активностите што до сега ги имале, покажуваат дека тој процес нема тенденција да се намалува.

Грковска напомена дека како Влада нема да се откажат од намерата да ги подобрат состојбите во државата до степен што поголем дел од младите ќе се одлучат да останат тука и тука да ја градат својата иднина. Исто така, истакна дека изминатиов период имала многу средби со млади, со студенти, средношколци, со млади луѓе кои го дооформиле своето образование и кои стануваат дел од пазарот на трудот, како и дека имала средби и со претставници на политички партии, и сите млади независно од кој крај на државата доаѓаат или од која етничка или религиозна припадност се, се соочуваат со истите предизвици, ги делат истите стравови и сите посакуваат просперитетна и успешна приказна.

Приоритет на Владата во моментов, но и наредната година, како што потенцираше, ќе биде преку јакнење на институциите во однос на тоа да бидат професионални, ефикасни, одговорни, отчетни и транспарентни, да се врати довербата на младите.

Според Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт, колку повеќе им оставиме простор и ги зајакнеме позициите на младите денес, толку подобра ќе биде нивната иднина утре.

Мојсоски на панел дискусијата истакна дека тие на младите гледаат како инвестиција и ресурс во модерно општество, не како проблем. Воедно, истакна дека Агенцијата за млади и спорт како надлежна институција за млади, се посветува сериозно и постојан приоритет е младите да бидат вклучени во процесот на донесување одлуки, но и во секоја линија активно да учествуваат, не само во креирање на политики кои произлегуваат во рамки на Агенцијата, туку и да бидат слободни во тоа што го прават.

Мојсоски информираше дека Агенцијата за млади и спорт во партнерство со Програмата за развој на Обединети нации, на Мисијата на ОБСЕ во Скопје работат на креирање на нова Стратегија за млади, преку која ќе се дефинириаат приоритетите на младите. Очекува до крајот на годината да биде готова првичната верзија на Стратегијата со Акциски план за 2023 година.

Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП за Република Северна Македонија, на панел дискусијата истакна дека Националната стратегија за млади е инвестиција за иднината на младите. Како и дека УНДП глобално, во регионот, но и во Република Северна Македонија ќе продолжи да дава поддршка на младинските организации, бидејќи е потребно да се охрабрат младите да го изберат најдоброто за својата иднина и да станат поинклузивни во општеството.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *