https://www.facebook.com/MOFedu/photos/a.10150767299410960/10159625402015960/

23.11.2022 Скопје

Глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски” од општина Гази Баба можат безбедно да стигнат во училиште.

По барање на глувите и наглувите ученици од Клубот за демократско учество уште пред повеќе од една година, булеварот „Александар Македонски“ доби семафори, а претходно на делот со фреквентната улица „Благоја Стефковски“ беа поставени лежечки полицајци, знаци и вибрациски ленти за намалување на брзината.

Активистите од Младинскиот образовен форум (МОФ) застапуваа за ваквото решение бидејќи младите, кои не можат да ги чујат сирените на возилата, беа изложени на опасност и никаде не беше означено дека во близина се наоѓа училиште со ученици со оштетен слух и говор.

Младинскиот образовен форум (МОФ) информира дека опасноста доаѓаше и од фактот што булеварот „Александар Македонски” продолжува кон автопатот А-75 и ги спојува двата дела од Скопје. Поради ова, во март 2021 година, со поддршка на директорите на ДУЦОР „Партенија Зографски” и СЕТУ „Михајло Пупин”, беа контактирани релевантните институции. Клубот за демократско учество доби позитивен одговор за поставување сообраќајна сигнализација, светлосни знаци, платоа за смирување на сообраќајот, ознаки за „школо” и сл.

МОФ апелира до надлежните органи ваквите процеси во иднина да се одвиваат што е можно побрзо, проблемите на младите да се сфаќаат сериозно и глувите ученици да имаат еднаков пристап до образовните институции, како и нивните врсници. Исто така, апелира и до граѓаните да се придржуваат до правилата и прописите за возење и да внимаваат на сообраќајната сигнализација и безбедноста на патот.

Во последните пет години, на „Благоја Стефковски” се случиле 113 сообраќајни несреќи со телесни повреди, 9 со тешки телесни повреди и едно лице кое трагично го загубило животот, додека пак, на булеварот „Александар Македонски” пак, имало 240 сообраќајки со телесни повреди, 26 со тешки телесни повреди и шест лица трагично го загубиле животот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *