04.11.2022 Скопје
Ројтерс пренесува дека на првата средба во живо на кинескиот претседател Си Џинпинг и германскиот канцелар Олаф Шолц во Големата сала на народот во Пекинг, Си истакна дека Германија и Кина, како големи влијателни земји, мора да соработуваат повеќе во „време на промени и превирања“ во корист на светскиот мир.
Германскиот канцелар Шолц му посочил на Си дека е добро што се сретнале лице в лице во тензични времиња, истакнувајќи дека руската инвазија на Украина создава проблеми за глобалниот поредок заснован на правила. Воедно, Шолц истакна дека двајцата разговарале за прашања поврзани со односите меѓу Европа и Кина, борбата против климатските промени и глобалниот глад и како да се развијат кинеско-германските економски врски, како и теми за кои имаат различни перспективи.
Поради строгата кинеска политика „нула-ковид“, Шолц и делегација германски бизнисмени беа тестирани за ковид-19 при слетувањето во Пекинг.
Претходно, Шолц вети дека ќе ги покрене прашањата како што се човековите права, Тајван и тешкотиите со кои се соочуваат германските компании при пристапот до кинескиот пазар.
Пред посетата имаше одредено ниво на критики кон социјалдемократот Шолц во рамките на ЕУ и германската владина коалиција, главно од редовите на Зелените и либералите.
Подготвено од А.Ѓ.