27.11.2022 Скопје
На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Алијансата што се одржа во Букурешт, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја пофали поддршката на Германија за одбраната на Украина од руската инвазија.
Германија претходно беше постојано критикувана од високи украински функционери дека бавно обезбедува воена опрема и одбива да испрати тешко оружје, но Столтенберг на состанокот истакна дека германската опрема спасува животи во Украина, и додаде дека и во иднина сите мора да ја задржат поддршката кон Украина и по можност истата и да се зголеми.
Столтенберг истакна дека Русија веќе почнува да ослабува и да ја повлекува својата војска од територијата на Украина и поради својата слабост ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура во пресрет на зимата.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, додаде дека рускиот претседател се обидува да ја искористи зимата како оружје, но дека нема да успее во тој план.
Подготвено од М.Н.