28.11.2022 Скопје
Никола Рибароски, претседателот на Комората на геодетски друштва, истакна дека Комората реагира на „неразумното“ поскапување на катастарските тарифи, кои максимално им ја имаат отежнато работата и на нотарите, адвокатите и на сите граѓани што ги користат услугите на АКН.
За практично неупотреблив геодетски податок за координати на геодетска точка, по најновото зголемување на цените, сега геодетските друштва наместо 67 денари, на Агенцијата за катастар ѝ плаќаат фрапантни 409 денари.
Геодетите веќе побарале ревизија на Тарифникот, а доколку нема никаков одговор од властите, се закануваат со радикализација, која ќе предизвика целосен колапс на катастарското работење и блокирање на работата на сите градилишта.
Рибароски објасни дека на 19 ноември спатиле на сила неколку нови тарифници за висина на надоместоците што ги наплаќа Агенцијата за Катастар, а во кои услугите се зголемени за 100, 200, па и 500 проценти. Воедно, потенцира дека досега за податоците за еден геодетски елаборат плаќале 750 денари, а со зголемувањето ќе чини 1.552 денари и нивната анализа покажала дека ако досега просечно, годишно за 150 предмети, геодетско друштво имало трошоци од над 111 илјади, сега трошокот ќе се искачи на 232 илјади денари.
Цените на геодетските услуги, не се зголемени од 2013 година, иако досега реалните трошоци се енормно зголемени, но уште поголем проблем е и фактот дека многу често електронските системи на АКН не работат, иако и за тоа редовно се наплатува.
Од Комората ја поздравија одлуката на Антикорупциската комисија, која утврди дека постои судир на интереси и влијание од Агенцијата за катастар врз Комората, бидејќи е оневозможен избор на независни членови во Управниот одбор на Комората.
Подготвено од А.Ѓ.