09.11.2022 Скопје
Денеска, во Грција работниците излегоа на еднодневен штрајк со барање за зголемување на платите, што доведе до прекини во патниот, воздушниот и траектниот сообраќај.
Бродовите 24-часа ќе останат закотвени на пристаништата, има промени како во железничкиот, така и во авионскиот сообраќај, а во Атина иако беше најавено дека метрото и автобусите неколку часа ќе прекинат со работа, доцна синоќа нивниот штрајк беше прогласен за незаконски и одговорија со 24-часовен штрајк.
Грција денеска ќе биде и без вести и информативни емисии, поради учеството на новинарите во штрајкот, а нема да функционираат ни јавните служби и државните институции, но затворени ќе бидат и некои од продавниците.
Учество во штрајкот најавија и од федерацијата на просветните работници.
Од синдикатите велат дека вработените, како во јавниот, така и во приватниот сектор водат битка со поскапувањата на цените која ги погоди домаќинствата и граѓаните.
Овој штрајк е втор во Грција од почетокот на годинава, а беше организиран на повик на синдикатите на работниците од државниот и приватниот сектор, кои претставуваат повеќе од 2,5 милиони членови. Голем број демонстранти се очекуваат и пред парламентот во центарот на Атина.
Високите цени на струјата и зголемените животни трошоци предизвикаа од почетокот на месецот штрајкови и протести ширум Европа, вклучително и Германија, Франција и Шпанија.
Од почетокот на годината грчката економија бележи речиси двоен раст во однос на истиот период минатата година благодарение на закрепнувањето на туризмот, но инфлацијата е на 12 отсто, што е највисока во изминатите речиси три децении.
ГСЕЕ заедно со синдикатот на работниците од државниот сектор АДЕДИ бараат зголемување на минималната плата која моментално изнесува 713 евра и обновување на колективниот договор за труд.
Подготвено од А.Ѓ.