26.11.2022 Скопје
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на претседателот на Бугарија, Румен Радев ја изразила својата поддршка за влезот на државата во шенген-зоната, стои во соопштение на прес-службата на претседателската администрација.
Фон дер Лајен ги издвоила резултатите кои што ги постигнала Бугарија во заштитата на границите на Европската унија и покрај силниот миграциски притисок, а во разговорот претседателот Радев изразил очекување дека резултатите од заштитата на границите ќе бидат препознаени од сите европски партнери и дека Бугарија што поскоро ќе се приклучи на шенген-зоната.
Претседателот Радев и фон дер Лајен разговарале и за активностите што ги презема официјалната влада на Бугарија за справување со последиците од економската криза за граѓаните и бизнисите и за гарантирање на макроекономската и финансиската стабилност.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев соопшти дека Бугарија ќе ги вложи сите потребни напори до 8 декември, бидејќи тогаш ќе се гласа за проширување на шенгенските граници со Бугарија, Романија и Хрватска.
Подготвено од М.Н.