06.11.2022 Скопје
Паркирајте подалеку од вашето работно место, станувајте за да се напиете вода, излегувајте на пауза за ручек, организирајте активни состаноци – шетајте и разговарајте, почесто станувајте од столчето кога работите и издвојте време за кратки вежби во текот на работниот ден, се само дел од препораките – како да се биде физички активен на работното место.
Доброупатените велат дека зголемувањето на физичката активност е општествен, а не индивидуален проблем, и тој бара мулти-секторски, односно мулти-дисциплинарен пристап.
Д-р спец. Драгана Бислимовска, од Институт за медицина на трудот, истакна дека во земјава сè уште не постои посебна стратегија или програма за физичката активност на работното место, а координативната улога во промовирање на бенефитите за редовна физичка активност врз работоспособното население ја остварува Министерството за здравство.
Бислимовска потенцира дека националната стратегија за превенција и контрола на незаразни болести од 2009 година и Националната годишна програма за јавно здравје на Република Северна Македонија за 2022 година се главните стратешки документи, кои ја опфаќаат промоцијата на физичка активност и кај работоспособното население. Воедно, додаде дека е важно да се напомене дека во Законот за спорт, работоспособното население не е вметнато како една од приоритетните категории за промоција на физичка активност, а, исто така, и во Законот за безбедност и здравје при работа, не се спомнува физичката активност на работно место како концепт за превенција на здравјето на работникот на работното место, ниту важноста од аплицирање на активни паузи во текот на работното време.
На ниво на Европа, како што појаснува Бислимовска, поттикнато од Глобалниот акциски план за превенција и контрола на незаразни болести 2013-2020, Светската здравствена организација ја развива Стратегијата за физичка активност на СЗО за Европскиот регион 2016-2025.
Како една од првите посериозни иницијативи за примена на активна промоција на физичката активност кај работоспособното население кај нас го издвојува организирањето на посета на СЗО мисија за пронаоѓање факти за поддршка на промоција на физичка активност во Република Северна Македонија, во периодот од 19-22 февруари 2019 година.
Како што информира Бислимовска, во рамките на извештајот, кој беше изготвен на крајот од нивната посета, укажано е на важноста од промовирање на физичка активност за сите возрасти како дел од секојдневниот живот, вклучително и за време на транспортот, слободното време, на работното место и преку системот за здравствена заштита. Како главни цели за идна имплементација, кои директно се однесуваат на работоспособното население на територијата на нашата држава, се издвојуваат намалувањето на автомобилскиот сообраќај и зголемување на соодветноста за пешачење и возење велосипед, како и обезбедување можности и советување за физичка активност на работното место, преку подигање на свеста за физичката активност на работното место и имплементирање на примери за добра практика во поединечни институции како што е Факултетот за физичка култура, спорт и здравје на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, но, и развој на стратегии, политики и активности поврзани со промоција на физичката активност на работно место.
Бислимовска дополнува дека работната група предводена од Канцеларијата на претседателот на Владата, во која биле вклучени претставници од повеќе сектори, изработила едногодишна национална програма – Програма за физички активна нација, меѓутоа, како што вели, иако подготвената програма начелно добила поддршка од раководството на Министерството за здравство, сепак, истата не била проектирана во буџетот за 2022 година и оттаму не можела да се реализира.
Сања Саздовска, државен советник – контакт лице за физичка активност од Министерството за здравство за СЗО, вели дека во моментов, преку мултисекторски пристап се фокусирани на унапредување на физичката активност и веќе се подготвени препораки до работодавачите и креаторите на политики во однос на усвојување на иницијативи за активни работни места.
Според Силвија Митевска, извршна директорка на Здружение за спорт (Sport Social Solutions), дел од препораките кои можат да бидат иницирани и имплементирани од страна на надлежните национални институции се однесуваат на спроведување на истражувања и подготовка на сеопфатна национална стратегија за активен транспорт (велосипедизам, пешачење) која ќе вклучува делови наменети за активен транспорт до и од работно место, предвидени законски измени со цел воспоставување и зајакнување на структури за унапредување на здравјето на работниците, вклучително и промовирање на физички активни работни места, како и обезбедување на финансиски ресурси и поддршка за компаниите и институциите кои го развиваат и поддржуваат концептот за активен транспорт до работно место.
Недоволната физичка активност е еден од водечките фактори на ризик за смрт во светот. Околу 3,2 милиони смртни случаи во светот се поврзуваат како индиректна последица од физичка неактивност. На глобално ниво, од четворица возрасни, еден е физички неактивен. Луѓе кои се недоволно активни имаат 20 до 30 проценти поголем ризик од смрт во споредба со луѓето кои се доволно активни.
На ниво на работната организација, како придобивки Митевска ги набројува намалување на појавата на апсентизам и промена на персоналот, подобрување на продуктивноста, мотивацијата и моралот кај персоналот, зголемување на ефикасноста во работната организација во целина, одобрување на корпоративниот имиџ/лојалност, како и на односите меѓу менаџментот и персоналот.
На национално ниво, според неа, поголем број на активни граѓани значи поздрава нација и намален финансиски трошок на здравството.
Имајќи превид дека еден од главните предизвици за намалена физичка активност е недоволно слободно време, важно е да се биде активен низ текот на целиот ден. Најголемиот дел од работоспособното население своето време го поминува на работното место, и токму затоа треба да се изнајде начин да се биде активен и за време на работните часови, особено за работниците кои имаат седентарна професија.
Подготвено од А.Ѓ.