11.11.2022 Скопје
Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“ продолжува со својата мисија за ширење на филмската писменост култура низ помалите градови во нашата земја.
Од Општина Крива Паланка информираат дека на 14 и 15 декември под името „Џифони патува“ фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура во Крива Паланка и на него ќе земат учество учениците од гимназијата СОУ „Ѓорче Петров“.
Крива Паланка е дваесет и третата општина каде под името „Џифони патува“ се одржува овој подвижен фестивал.
Филмската програма е намената за учениците од градот и предвидува дводневни активности со прикажување европски филмови наменети за младата публика, кои опфаќаат теми што ја засегаат младата генерација. Филмските проекции ќе бидат проследени со дискусии, а потоа на една од трите понудени креативни работилници, младите ќе ја поттикнуваат својата креативност и ќе се забавуваат.
Проектот „Џифони патува“ е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Делегацијата на ЕУ во Скопје и општина Крива Паланка, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.
Подготвено од А.Ѓ.