02.11.2022 Скопје
Фабриката „Кристал“ ја намали цената на маслото за јадење и сега се продава за 4 денари под производствената цена.
Румен Смилевски, претседател на Одборот на директори во „Кристал 1923“, изјави дека целта е да се исплатат сите производители на сончоглед, што го предале родот, до Нова година.
Смилевски истакна дека нема проблем да се увезат стратешките производи какви што се брашното, сончогледовото нерафинирано масло и шеќерот. Воедно, додаде дека гледа зголемен интерес кај земјоделците и порачува дека е важно Република Северна Македонија што е можно повеќе сама да произведува храна.
Румен Смилевски е сопственик на велешката компанија „Малина“, преку која тој долги години ги увезува овие стратешки прехранбени производи, а од неодамна неговата компанија е и акционер во компанијата „Кристал 1923“, поранешна „Благој Ѓорев“, позната кај народот и како велешка маслодајна.
Во моментов „Кристал“, како што информира Смилевски, произведува масло за јадење 100 проценти од домашниот сончоглед, а прават напори да заинтересираат што повеќе земјоделци да се свртат кон оваа стратешка култура.
Како што објасни Смилевски, фабриката „Кристал“ овој пат има откупено над 10.000 тони сончоглед, па требаат повеќе пари за да им се плати на земјоделците и наместо да земаат кредити и да плаќаат камати, решиле по поевтина цена од производната да го продаваат маслото за јадење, објаснувајќи дека некогаш фабриката откупувала и по 40.000 тони сончоглед, но и дека има многу поголем капацитет за преработка.
Смилевски додаде дека ги радува што сончогледот се враќа на нивите и сакаат да инвестираат и да поттикнат уште поголемо садење, а во таа насока има и добри мерки од државата што ги користат земјоделците, а од нив имаат гарантиран откуп и договорна цена за сончогледот. Тој се надева дека в година ќе има уште повеќе домашен сончоглед.
„Кристал 1923“ е единствена фабрика во државава што може да произведува масло за јадење од сончоглед, додека другите прават увоз на нерафинирано масло кое го доработуваат. Кога ќе го потроши домашниот сончоглед, „Кристал“ може да увезе сончоглед, но исто така има технологија и за преработка на нерафинираното масло за јадење што би се увезло.
По веста дека Русија го блокира извозот на житото по Црното Море, од берзите стигнуваат вести за раст на цената на житарките. За Република Северна Македонија особено е интересно брашното од Србија, од каде што увезуваме поголеми количини.
Како што информира Смилевски, брашното од Србија е поскапено за околу 10 проценти и сега неговата цена се зголеми од 420 евра за тон на 460 евра за тон.
Српските медиуми известија дека има раст на цените на шеќерот. Но, Смилевски вели дека ние повеќе увезуваме од Босна и во моментов шеќерот кај нас е поевтин отколку во Србија.
Смилевски објасни дека во однос на цената на шеќерот има намалување на цената за околу 1,5 проценти, потенцирајќи дека во Србија цената е 1 евро за килограм, а кај нас е малку помала, околу 55 денари. Воедно, истакна дека фабриката „Кристал“ има договор за увоз со Босна и таа има понуда на големи количини, а има и поевтина струја поради што производот од таму е поевтин.
Подготвено од А.Ѓ.