23.11.2022 Скопје
Европскиот парламент го даде своето конечно одобрување на законот со кој ќе се применуваат квоти за зајакнување на рамнотежата на половите во корпоративните одбори низ целиот блок.
Директивата за жени во одборите, првпат предложена од Европската комисија пред десет години, се фокусира на јавно тргуваните компании. Спроведува квоти за процентот на места во одборот пополнети од „незастапениот пол“, 40% само за неизвршни места или 33% и за неизвршни и за извршни позиции во одборот.
Коизвестувачот на социјалдемократите, Евелин Регнер, и другите поборници на директивата тврдат дека зголемената различност во рамките на високите корпоративни позиции, исто така, ќе му помогне на процесот на европско-економското закрепнување.
Регнер на пленарната седница во Стразбур истакна дека во моментов е економски тешко поради пандемијата, инфлацијата, климатската криза, како и поради војната во Украина и токму затоа се потребни силни компании во Европа. Воедно, таа додаде дека може да има силни компании во Европа само ако и жените се во одборите и го предводат патот, искористувајќи ја целата нивна експертиза.
Хелена Дали, еврокомесарката за еднаквост, го повтори ова чувство, велејќи дека „доказите покажуваат дека широк спектар на таленти и вештини и инклузивен и разновиден пристап во салата на одборот придонесуваат за подобри одлуки во корпоративното управување, ја зголемуваат довербата на јавноста во бизнисот и се поттикнува економски раст“.
Коизвестувачот Лара Волтерс, исто така со групата S&D, додаде дека оваа одлука ќе влијае и на идните генерации, покрај жените кои веќе се во работната сила.
Сепак, многумина во и надвор од Парламентот не се согласуваат со овој регулаторен пристап. Неколку земји, вклучувајќи ги Шведска, Словачка, Унгарија и Естонија, тврдат дека прашањето за родовата рамнотежа во одборите на компаниите е прашање на националните влади, а не на ЕУ. Како одговор на ова, комесарката Дали истакна дека врз основа на неодамнешните податоци, „напредокот постигнат со доброволни иницијативи беше многу побавен и помалку одржлив“, додавајќи дека кога саморегулацијата не го носи посакуваниот ефект, неопходно е регулаторно дејство на ЕУ.
Друга критика е дека употребата на квоти може да ги наведе компаниите да назначуваат жени да седат во управните места врз основа на пол, а не според заслугите, на што Волтерс возврати дека смета дека е време да се остави тој аргумент таму каде што му е местото, во претходниот век, додавајќи дека се обидуваат да прашаат убаво, се онидуваат да чекаат да згаснат мрежите на старите момчиња и безуспешно. Воедно, потенцираше дека квотите се тап инструмент, да, но каде што нема волја, потребен е закон.
Според новите правила, од земјите-членки ќе се бара и да воспостават систем на казни за компаниите кои нема да ги исполнат новите стандарди до 2026 година. Самите земји-членки, исто така, ќе се соочат со казнени мерки за неуспехот да ги спроведат политиките за постигнување на целите на директивата.
Според Волтерс, не е тајна дека има некои земји-членки кои се позаинтересирани за ова од другите и убавината е што постојат голем број санкции или мерки што можат да ги преземат.
Пратениците од двете страни на политичкиот спектар, исто така, ја доведоа во прашање заслугата за фокусирање само на полот, а не на други карактеристики, како што е етничката припадност. Европратеничката на Зелените, Пјерет Херцбергер-Фофана, тврди дека етничката припадност и другите фактори, исто така, треба да бидат вклучени во директивата за да се подобри различноста во повеќе аспекти.
Херцбергер-Фофана истакна дека оваа разновидност би вклучувала квалификувани жени без оглед на нивното културно потекло, нивната сексуална ориентација, нивната возраст или нивното религиозно убедување, додавајќи дека на долг рок сакаат да видат дека има паритет за сите места и тоа би било основата на општеството на виножитото кое е партиципативно и исто така инклузивно.
Во меѓувреме, Маргарита де ла Пиза Карион од конзервативната група ЕЦР тврди дека оваа директива ќе ја постави ЕУ на лизгава патека кон спроведување на други видови квоти, истакнувајќи дека треба да се гледа искуството на луѓето и нивните капацитети.
Волтерс одговори дека имањето разновидност во одборите „на различни начини“ е приоритет, објаснувајќи дека оваа политика ќе одговори само на еден од многуте предизвици со кои се соочуваат жените. Воедно, истакна грижа за децата и татковското отсуство како други предизвици за кои се потребни политички решенија, додека европратеничката од левицата Манон Обри додаде зголемување на минималната плата и борба против семејното и сексуалното насилство.
Подготвено од А.Ѓ.