22.11.2022 Скопје
Европските политички лидери се видно вознемирени од мерките усвоени од кабинетот на американскиот претседател Џо Бајден, нудејќи даночни олеснувања за производите од домашните фабрики, по што индустријата во ЕУ предупредува дека Соединетите Американски Држави со овие мерки стануваат поконкурентна инвестициска дестинација од Европа.
Поради овој настанат проблем, претседателот на Франција Емануел Макрон, ги покани директорите на група европски компании на вечера за да ги убеди да не се преселуваат во САД и покрај новите поволности кои ги усвои Бајден.
Европа мора да ја заштити својата индустрија поагресивно, изјави францускиот претседател, бидејќи европските компании стануваат се погласни и понезадоволни поради остриот пораст на цените на енергијата од почетокот на руската инвазија на Украина.
Макрон ја повика ЕУ да го следи примерот на САД и да ги покани државните органи да купуваат европски производи за да го поддржат производството, но наиде на отпор од противниците на протекционизмот меѓу членките на ЕУ.
Доколку не се изнајде соодветно решение, европската индустрија масовно ќе почне да се преселува во САД.
Подготвено од М.Н.