22.11.2022 Скопје
Вечерва во Уметничката Галерија Куманово со почеток во 19.30 часот ќе биде отворена етнолошката изложба насловена „Препознатливост на албанската носија“.
Присутните ќе имаат можност да разгледаат експонати на женската и машката албанска носија од почетокот на 20-тиот век од кумановскиот регион.
Валентина Илијевска, виш кустос од НУ Музеј Куманово, истакна дека изложбата ја презентира материјалната култура преку облекови елементи. Воедно, додаде дека преку презентирање на материјалната култура сакаат да покажат дека носијата е многу важна за народот кој на тој начин цврсто се држи до корените, потеклото, едно богатство, изработено од вештите раце на албанската жена, објаснувајќи дека скутините се ткаенини на разбој како и кошулите.
На изложбата работеа и Фериане Исени, како и Валентина Андреиќ, виш кустос од НУ Музеј Куманово и Земиље Ебиби, моден дизајнер, професор на текстилно-кожарската струка во СОУ „Перо Наков”.
Преку овие модни рефлексии целта е да се направи мал историски пресек, од модните изрази и украсот кај Албанците доловувајќи ја есенцијата на животот, општествените прилики во минатата и сегашноста.
Присутните на изложбата ќе разгледаат околу 30-тина експонати.
Исени истакна дека носиите рачно се изработени, доминираат белата, црвената боја има и зелени шари. Некои од нив се изработени со филигран, посветено е внимание на елечето, на крагните, се користи срма што ја отсликува умешноста на албанската жена.
НУ Музеј на овој начин го одбележува Денот на албанската азбука. Изложбата ќе биде презентирана наредните денови и ќе биде отворена за сите посетители.
Подготвено од А.Ѓ.