https://www.facebook.com/photo?fbid=187251487196311&set=pcb.187251843862942

10.11.2022 Скопје

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешниот состанок што го организираше заедно со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, оцени дека од квалитетот на образованието зависи капацитетот на човечкиот капитал што една држава го поседува.

Според Грковска, едно општество може да оди напред само со квалитетен образовен систем, кој ќе продуцира кадри кои ќе бидат двигатели на позитивните општествени процеси.

Владината прес-служба информира дека на состанокот, на кој се разговараше за подобрување на ефикасноста, ефективноста и правичноста на буџетските расходи за основното образование присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусени, повеќе градоначалници од сите региони во земјава, пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, експерти од Министерството за финансии, Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава, претставници од Светска банка, како и регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан.

Вицепремиерката Грковска нагласи дека сите меѓународни извештаи покажуваат дека Република Северна Македонија има проблем со квалитетот на знаењето и стручната подготовка на младите, потенцирајќи дека алармот е веќе вклучен, и за Владата и за локалните самоуправи, и за вработените во образованието.

Според Грковска, доколку не се преземат веднаш конкретни мерки и чекори, ќе биде доцна. Воедно, истакна дека повеќе нема простор за грешки, импровизации, партиски поделби, како и дека нема простор за „наши и ваши реформи“, туку сите заедно треба да ги засукаме ракавите и да се постигне консензус дека образованието и младите во Република Северна Македонија се најважни.

Вицепремиерката Грковска изрази задоволство што е отворена дебатата за финансирањето на образованието, за висината на инвестициите во образовните објекти, за блок дотациите наменети за плати за наставниот, стручниот и техничкиот кадар, како и за вкупниот буџет што државата го одвојува за образованието. Исто така, потенцираше дека промени во начинот на финансирање на образованието мора да има, но промени и во свеста и кај наставниот кадар, но и кај граѓаните мора да има, мора да се мотивираат сите на образованието да гледаат како на процес за стекнување знаење и вештини, а не како на пат кој мора да се изоди само за да се добие повисока оценка.

Афшан Кан, регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, оцени дека за секое дете да може да учи и да го постигне својот целосен потенцијал, од клучна важност е училиштата да имаат соодветни ресурси, а наставниците да добиваат поддршка приспособена на нивните потреби.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири информираше за плановите за реформи во образованието кои треба да овозможат унапредување на квалитетот, објаснувајќи дека Владата работи на приближување на јавните расходи за образование, како процент од БДП, до нивоата на развиените земји, со што ќе се обезбедат доволно средства за инвестиции во училишните објекти, набавка на современи наставни помагала, инклузивно образование, образование на јазиците на различни етнички заедници и професионален развој на наставниците.

УНИЦЕФ ги поддржува централните и локалните власти да ги зајакнат капацитетите за развој и воведување на нов систем за транспарентна и правична распределба на средствата за основните училишта.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author