03.11.2022 Скопје
Во текот на утринските часови американскиот носач на авиони УСС Џорџ Х.В. Буш (ЦВН-77) на нуклеарен погон, на воената морнарица на САД, вплови во водите на Сплит, во Хрватска.
Носачот на авиони Џорџ Буш ја предводеше големата НАТО воена вежба наречена „Нептунов напад 2022“ во која учествуваа над 80 авиони, 14 брода и околу 6.000 војници од 24 држави од западниот воен пакт, вклучувајќи ги Финска и Шведска, а потоа бродот се упати кон Сплит, откако хрватската влада на 27 октомври даде одобрување за негово впловување.
Бродот изграден во 2009 година, долг е 333 метри, може да плови 20 години без дополнување гориво, и на бродот може да се сместат 3.532 члена на екипажот, а може да носи 90 авиони и хеликоптери.
Матичното пристаниште на УСС Џорџ Буш е морнаричката база во Норфолк во американската сојузна држава Вирџинија.
Подготвено од М.Н.