25.11.2022 Скопје
Најважниот македонски вински настан, винскиот салон „Винодонија“ се одржува на 25 и 26 ноември во елегантната атмосфера на хотелот „Мериот“ во Скопје, каде ќе ги собере сите вљубеници на овој пијалак познат и како пијалак на боговите.
Можност за дегустација на вина од околу 60 винарии, со импресивна бројка од над 450 етикети на вино ќе понуди шестото издание на престижниот вински салон „Винодонија“.
Според организатортите, „Винодонија” стана традиција која ја негува винската страст, промовира добри вина, едуцира и со години ја потврдува и својата цел – подигнување на винската свест и развој на нашата винска култура.
За двата дена на „Винодонија” ќе се одржат работилници и мастер клас дегустации насловени по земјите и предизвиците: „Запознај ја винската Унгарија”, „Запознај ја винската Хрватска”, „Основи на спарување на вино и храна” и „Во светот на винските меурчиња”.
Организаторите најавуваат дека гостите што ќе ја посетат „Винодонија“ ќе имаат можност за нови вински информации, директно од енолозите и луѓе вклучени во производството на вино, со што ќе се запознаат најновите стилови и трендови во оваа индустрија. Се разбира, виното со својата уникатност се надополнува со добрата храна, па во рамките на салонот ќе можат да се вкусат и гастрономски деликатеси од околу 15 гастрономски брендови од Република Северна Македонија.
Секоја карта за овој настан ви овозможува еднодневен влез на салонот (на 25 или на 26 ноември) и дегустација на над 450 етикети од над 60 винарии!
На „Винодонија“ ќе настапи и џез бендот на домашниот реномиран музичар Георги Шаревски.
Подготвено од А.Ѓ.