10.11.2022 Скопје
Од денеска почнува 47. издание на Младиот отворен театар, еден од најстарите театарски фестивали во регионот со интернационална програма.
Во следните денови до 19 ноември, фестивалот ќе донесе 23 продукции, односно 25 програмски активности, на сцените на Младинскиот културен центар, „Јавна соба“ и КЦ „Јадро“.
Од Министерството за култура соопштуваат дека фестивалската програма започнува со дуодрамата од домашна продукција „Кислород“ на Иван Вирипаев, во изведба на Народниот театар од Битола и во режија на Иван Јерчиќ, која ја најавува и програмската определеност на фестивалот кон домашната продукција во чест на повеќедеценискиот програмски уредник и директор на МОТ, Љубиша Никодиновски-Биш, кој почина оваа година.
Во спомен на Љубиша Никодиновски-Биш се востановува награда „БИШ“, која ќе се доделува за најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија. За таа цел, МКЦ, како организатор, отвори повик на кој се пријавија 25 продукции, а на фестивалот ќе бидат прикажани осум селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави меѓународно жири.
Во годината на јубилејот „50 години МКЦ“, Млад отворен театар направи програма со која ќе биде домаќин на театри од Република Северна Македонија, Словенија, Грција, Турција, Велика Британија, Србија и од Црна Гора.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.